Сликите на телата на кои работеше Бојан главно се апстрактни, бидејќи тој пристап најмногу одговарал на целокупниот визуелен идентитет на спотот

Бојан Kовски ги обои телата на моделите во новиот спот на Дино Мерлин за песната „Ми“. Колоритот и бодипејнтот на Бојан дават оригинален, забавен и шармантен ритам во песната. Тој ни сподели дека соработката почнала спонтано, благодарение на социјалните медиуми.
– Режисерката Кукла Кешеровиќ исконтактира со мене на Инстаграм, а по неколку разменети пораки дојде до посериозен муабет и комуникација со продуцентите на спотот, по што следуваше и целата соработка натаму. Идејата на спотот беше лоцирана во убавината на фантазијата на режисерката и е директно поврзана со текстот на песната на Дино Мерлин. Сите идеи, целиот концепт на ова дело е уметноста на Кукла Кешеровиќ, која ја склопи целата екипа што работеше на спотот и ги даде сите насоки, на што треба да се фокусираме и како најдобро да го одработиме нашиот дел – вели Kовски.
Неговите десет слики на тело се спонтано обоени, а најголемиот дел се осмислени во моментот на изработка, без некоја посебна симболика.
– За време на сликањето имаше толку многу позитивна енергија, така што и јас се исклучив од мојата реалност и по четири часа работа самиот се изненадив од сработеното. Мојата задача беше многу едноставна, да се појавам таму и да ја завршам работата со бодипејнтот.

Идеите беа дискутирани претходно со режисерката на спотот, но на крајот сепак најголемиот дел беше оставен на мене, да го осмислам и да го склопам како целина. Сликите на тело главно се апстрактни, бидејќи тој пристап најмногу одговараше на целокупниот визуелен идентитет на спотот – објаснува Бојан.
Тој вели дека предизвикот да работи на спотот на Дино Мерлин му бил доста возбудлив, но со одредена мера на неизвесност, особено поради моментот што во многу краток временски период требало да бидат сработени сите дела.
– Досега во мојата практика ми требало многу повеќе време за да реализирам еден бодипејнт, а не десет. Но со подршката што ја добив од тимот со кој работевме и огромната помош од Харис Салкоски, кој директно помагаше во изработка на делата, постигнавме сите десет да бидат готови во рок од четири часа и триесет минути. Финалниот продукт, додека бев таму, ќе го оценев со осумка, но откако го видов спотот и како изгледа сето тоа на видеото, морам да му дадам деветка, сепак секаде има простор за подобро – додава тој.
Секако, целиот проект е реализиран во време на пандемија, па се соочил со неколку пречки.

– Со оглед на пандемијата, имавме доста пречки. Првата беше моето патување до Црна Гора, најпрвин бидејќи немаше како да стигнам дотаму освен со автомобил, а потоа тестирањето за ковид-19 и временските услови, кои беа многу непредвидливи во периодот кога се снимаше спотот, па мораше снимањето да се поместува во неколку наврати. За време на сликањето, секако дека се почитуваа правилата на носење маска и сите други мерки за заштита од вирусот. Секоја работа е отежната за време на пандемија, но сепак и во вонредни услови креативноста не запира, а уметноста е од голема важност за да го надминеме и на некој начин разубавиме овој период – дополнува Kовски.