Обезбедувањето на сеопфатно, инклузивно и интегрирано модерно образование е стратешка цел на Министерството за образование и наука и на Владата, за што во тек се темелни реформи во основното и средното образование, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн состанокот на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика. На состанокот присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и претставникот на Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини.

На денешната средба, во рамки на редовниот дијалог се дискутираше за приоритетите, координацијата и имплементацијата на политиките за конкурентност и инклузивен раст во трите сектори, преку програмите финансирани од претпристапната помош.

Царовска додаде дека во фокусот на реформите насочени кон квалитетно образование се како учениците, така и наставниците.

Тематски приоритети за кои се разговараше беа и зголемувањето на нивото на вработувања, како и квалитетот на работните места и продуктивноста, но и намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.

Исто така, на средбата се разговараше за индикаторите за проектот „Интеграција на Ромите 2020“, кој има за цел да придонесе за намалување на социоекономскиот јаз и зголемување на интеграција на Ромите во тековните развојни политики.

Секторската работна група ја координираат Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и во неа членуваат претставници од институциите задолжени за креирање на секторските политики и стратегии, европските интеграции и ИПА, како и граѓански организации, меѓународни партнери и донатори.