Како пијанист најмногу се пронаоѓам во џезот, бидејќи е истовремено сложен и разновиден правец што ни дава слобода при начинот на изведба и спој со другите видови музика, вели Јован Цветковиќ

ЈОВАН ЦВЕТКОВИЌ, ПИЈАНИСТ

Јован Цветковиќ е 22-годишен пијанист од Куманово, кој моментно студира на Музичката академија во Штип, на Катедрата за џез-студии. Досега настапувал на повеќе настани меѓу кои и на натпреварот на млади музичари „Сергеј Михајлов“, каде што освоил прво место во џез-дисциплина.
Со овој млад талентиран музичар поразговаравме за љубовта кон музиката и пијаното, но и за неговите успеси и за предизвиците со кои допрва ќе се соочува.

Кога се заинтересиравте посериозно за музиката и почнавте да размислувате за неа како за идна професија?
– Музиката започнав да ја изучувам од осум години, почнувајќи со хармоника и солфеж во нижото музичкото училиште, подоцна продолжив во оркестарот на основното училиште „11 Октомври“ и во бендот на средното училиште „Перо Наков“ во Куманово. Пијано почнав да свирам активно пред да се запишам на Музичката академија во Штип.

Што ве мотивираше да се одлучите за пијаното како музички инструмент?
– Можностите што ги нуди пијаното како инструмент се големи и опфаќаат повеќе стилови на музика што можат да се изведуваат, бидејќи е истовремено хармонски и мелодиски инструмент. Мене најмногу ме привлече големината на самиот инструмент, како и начинот на кој се создава тонот, односно мелодијата при свирење, исто така слушајќи ги големите пијанисти на каков начин ги изведуваат своите композиции.

Во кој музички жанр најмногу се пронаоѓате како пијанист?
– Сакам да свирам музика што има естетска и уметничка вредност, без разлика дали станува збор за традиционална музика, која секако треба да ја негуваме, или за некои од модерните жанрови како што се поп, рок, фанк итн. Но најмногу се пронаоѓам во џезот, бидејќи е истовремено сложен и разновиден правец што ни дава слобода при начинот на изведба и спој со другите видови музика.

Во овие пандемични услови, кога нема настапи пред публика, на кој начин се изразувате музички?
– За време на пандемијата настапите се намалија, но останува простор за учење и пишување музика. Јас повеќето време го поминувам со инструментот, слушајќи музика и следејќи ги студиите. Понекогаш знам и да напишам некоја сопствена песна или мотив. Заедно со колегите работиме исто така на снимање џез-стандарди, кои ги поставуваме на социјалните мрежи и при младинскиот оркестар на Центарот за култура каде што исто така има можност за музичко изразување.

Неодамна, со колешката Мима Младеновска изведовте преработка на песната „Moon River“ од култниот филм „Појадок кај Тифани“, дали сте задоволни од реализацијата на овој заеднички проект?
– Се работи за прв наш проект, кој претставува спој на 1960-тите години со модерна интерпретација во џез-аранжман, со што мислам дека заедно со видеозаписот сме успеале да ја претставиме идејата пред публиката. Песната ја снимивме на сцената во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, а во изработката учествуваа Николај Павловски и Марко Јовановски, видео и монтажа, „ФИС продакшн микс и мастеринг“, во режија на Никица Јанковски.

Кои се вашите идни планови, каде се гледате себеси за неколку години?
– Во иднина се гледам себеси како професионален музичар пијанист, настапувајќи на светски фестивали и концерти заедно со свој бенд. Иако ме интересираат и други области поврзани со музиката, како што се компонирање, аранжирање, пеење, најмногу се пронаоѓам како инструменталист. Би сакал исто така еден ден да создавам и да презентирам моја музика.