Балерини во бели туту-здолништа танцуваа на „Лебедово езеро“ пред Операта во Париз во знак на протест против планот на францускиот претседател Емануел Макрон да ги укине нивните посебни пензиски бенефиции. Тие танцуваа пред стотици граѓани придружени од нивните колеги музичари од Парискиот симфониски оркестар, а зад нив беа поставени паноа со пораката „Култура во опасност“.

Танчарите имаат пензиски план уште од 17 век, кој го вклучува правото на целосна пензија на 42 години, две децении порано од просечниот работник. Но тие може да ја изгубат оваа привилегија ако помине реформата на Макрон. Според балерините, ова е неизводливо бидејќи тие добиваат голем број повреди во текот на нивното работење. Танчaрите започнаа штрајк заедно со други работници во јавниот сектор, вклучувајќи ги и изведувачи од Францускиот театар од 5 декември. Десетици претстави се откажани, а училишта беа принудени да се затворат.

Француската влада не се откажува од предлогот, но ќе ги продолжат преговорите со синдикатите на почетокот на јануари. Париската опера соопшти дека изгубила скоро 8 милиони евра во продажба на билети.