Тандемот Александар Митевски и Драган Спасов-Дац не запира
Кантавторот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац првпат како тандем застанаа на сцената лани на „Охридфест“, кога ја испеаја песната „Цреши охридски“ и ја освоија втората награда. Повторно дојде времето кога зреат охридските цреши, ама сѐ е многу поразлично од лани, живееме во едно поинакво време. Но едно мораме да признаеме, Александар и Дац, на задоволство на сѐ повеќебројната публика, сѐ уште пеат и настапуваат, па макар и виртуелно. Тие докажаа дека карантинот и изолацијата во голема мера можат да бидат креативни, па и хумани. Снимија многу песни периодов, авторски и преработки, но на врвот на слушаноста е „Корона чао“, поточно нивната верзија на песната „Bella ciao“. Посетата на нивниот канал на Јутјуб е огромна, бидејќи песната се слушаше и во регионот, а ја потпевнуваа сите, од обични луѓе до премиери.
Се надевавте ли на толку голема популарност кај луѓето?
– Ако нешто правите посветено и со љубов, а притоа квалитетно и не се штедите, тогаш и редно е да очекувате позитивна енергија од публиката за која е пласирано. Впрочем, нашето дуо од почетокот тргна спонтано и искрено затоа што чувствувавме дека вакво нешто му фали на нашиот народ. Позитива, ведрина, љубов, романтика, носталгија. А луѓето го препознаа тоа и секојдневно нѐ опсипуваат со пораки дека им се допаѓа тоа што го правиме. Бевме навистина препознатливи во карантинскиот период и активни буквално секој ден, а според зборовите на нашите обожаватели ние им бевме „светло во мракот“ сите тие денови. Само во карантинот снимивме 54 песни, вклучувајќи ја и „Корона чао“, која има веќе 3,5 милиони прегледи на Јутјуб и на некој начин стана балкански хит. Но никогаш не може однапред да се знае како некој производ ќе прозвучи кај публиката. Ние правиме најдобро што можеме, а дали некоја песна ќе ја надмине „Корона чао“ во гледаност, останува да видиме.
Секоја ваша песна раскажува некоја приказна. Која мелодија што ја преработивте ви беше најголем предизвик?
– Сите преработки се на познати хитови, кои публиката многу добро ги знае и со сите тие песни се забавуваме бескрајно. И во тие изведби и во периодот кога настапувавме на нашите евергрин-забави ние имаме шаренолик репертоар. Знаеме да ги потсетиме луѓето и на Бранко Коцкица, знаеме да се нурнеме во светот на македонските стари шлагери, рецитираме, пееме и поврзуваме повеќе генерации. Најмногу уживаме во најтешките предизвици.
Како реагираат кога ќе им се јавите на соработниците и кога ќе им предложите некоја песна да испеете заедно?
– Тоа се сѐ наши пријатели, кои сакаат да се дружиме и да направиме нешто убаво. Нормално, и ние сме тука за нив. Сите што сме ги поканиле досега, од прва ја прифатиле нашата идеја и сме направиле парче за паметење. Сакаме да ги скршиме стереотипите и затоа правиме комбинации што не се гледаат секој ден, па затоа кај нас се случува да свириме, пееме, рецитираме со сите, од колеги од естрадата па до обични луѓе што имаат своја прикаска.
Освен позитивните, кои се многу повеќебројни, има и некои недобронамерни коментари?
– На толку добри коментари и толку голема прифатеност од публиката за два-три недобронамерни коментари не сакаме да размислуваме. И да ви кажам, таквите коментари се смешни и осамени. Многу лесно изгледа сево ова од таа страна и се чини дека секој може лесно да го направи. Не нѐ оптоварува ништо затоа што сево ова го правиме под слоганот „шириме љубов и позитивна енергија“.
Како досегашен пресек на сѐ што реализиравте досега вие неодамна издадовте и албум…
– Да, неодамна излезе и цеде со сите наши песни и некои карантински преработки, а неговото издавање несебично го помогна компанијата „Еурофарм“ и може да се добие во нивните аптеки. Оваа наша приказна и доза љубов е наречена „Лек за душа“.
Дали ќе направите голем концерт кога ќе се создадат услови?
– Прво сакаме да помине пандемијата, да се најде вакцина и да може да се гушнеме, а потоа ќе размислуваме за сѐ друго. Сигурно ќе почнеме со некои помали дружби со публиката, за кои инсистираме да бидат направени по здравствените протоколи и по сите прописи. А кога ќе се создадат услови, може да ја израдуваме публиката и со некој поголем концерт, а веќе се тука и понудите за настап во регионот. Нашите поголеми настани од неодамна ги менаџира продукциската куќа „Иноватива“ и ветуваме многу изненадувања, секако првенствено за нас е да се смири состојбата и народот понормално да почне да живее.
Која е најновата песна со која наскоро ќе нѐ израдувате?
– Никогаш не знаеме, имаме една одлична песна, но пред таа може да има друга, којзнае. Наша голема желба е да направиме и да испееме песна за нашето родно Скопје и можеби тоа и ќе го реализираме во периодот што доаѓа. Секоја наша песна има приказна, па така ќе биде и со тие што следуваат.
Жал ми е што „Глумците пеат“ не постои веќе
Драган, уштe многу одамна, на манифестацијата „Глумците пеат“ се уверивме дека убаво пеете, но сепак, дали некогаш сте помислиле дека ќе стекнете огромна популарност пеејќи?
Дац: Јас пеам од мал и пеам секаде каде што можам. Среќа што имам слух. Кога бев мал многу сакав кога ќе пораснам да бидам пејач, покрај мојата единствена љубов, глумата. Жал ми е што манифестацијата „Глумците пеат“ не постои веќе, а јас бев еден од идејните творци. Сепак популарноста ја стекнав со моите улоги, а ни на крај памет не ми паѓаше дека ќе ме запираат на улица да ми кажат колку била добра таа и таа песна.
Соработката со Дац беше и моја мотивација
Александар, долго време не го имавте земено микрофонот в рака, но тоа не значи дека не правевте добри песни. Како се чувствувате сега кога постојано пеете, дали сте задоволен?
Александар: Јас никогаш не сум ја напуштил естрадата, но десетина години не снимав песни за себе и не настапував. Повеќе бев посветен во студиото каде што пишував песни за други колеги, правев музика, реклами, детски песни. Некако соработката со Дац беше и моја мотивација за да се активирам и да го вратам мојот стил во песните и текстовите, а ова дуо се покажа како вистинско место за тоа. Со ова на некој начин сакам да ги поттикнам и моите колеги од тоа убаво време на македонската музика повторно да се активираат.