Апел на големиот диригент Рикардо Мути
Маестро Рикардо Мути, еден од најголемите диригенти на светот, во неодамнешното интервју за весникот „Ил месаџеро“ ја коментираше поплавата од телевизиски емисии за готвење. Судејќи според реакциите на интернет, тој го кажал јавно она што многумина го мислат.
– Кога гледам на што личат некои италијански телевизиски програми, веднаш се префрлувам на странски телевизии за да најдам нешто навистина содржајно – изјавил Мути.
Тој смета дека на луѓето им требаат и други видови храна.
– Јавноста денеска ракоплеска на заповед. Тоа не е култура. Тоа е дрогирање на народот кому, всушност, му е потребна култура, бидејќи таа е столб на нашата историја и нѐ штити од губењето на идентитетот – категоричен е Мути.
Маестрото, кој моментно е на европска турнеја со Симфонискиот оркестар на Чикаго, тврди дека состојбата на италијанската култура е многу лоша.
– Новите генерации мораат да се борат против општото затапување. Таа борба станува сѐ потешка, бидејќи ѝ се спротивставува и државниот апарат – вели тој.
ТВ-готвачот Алесандо Сирсиело му одговори на Мути дека италијанската кујна е дел од културата.
– Нашите готвачи ја запознаваат широката публика со најубавото и најдоброто во италијанската кујна. Истовремено, ги учат потрошувачите како да не ја преварат пастата, како да не им загори маслото. Телевизиските емисии за готвењето се добри за Италија и за нејзиното гастрономско наследство, а на крајот тоа е добро и за здравјето на Италијанците. Телевизиите Си-ен-ен и Би-би-си со години имаат емисии посветени на храната. И Рикардо Мути кога диригира влегува во кујна, само што неговата е во вид на голем оркестар – вели готвачот Алесандо Сирсиело.