Покрај идеалните услови што ги нуди за летни прошетки, Китиното кале е преполно со историја, а истражувањата спроведени во два наврата пред две и три години, со многуте пронајдени артефакти, потврдија дека тука има уште многу детали да се разоткријат. Но истражувањата, за жал, се прекинати и прашање е дали и кога ќе продолжат.
Калето, иако е релативно мало според просторот што го зафаќа, сепак крие и мали тајни за кои досега малку или речиси ништо не се знае, а тоа е пештерата во утробата на калето, во која, според очевидците, има преубави сталактити и сталагмити. Тоа отвора можности за спелеолозите да ја потврдат нејзината големина, старост, потекло и намена низ вековите. Пред 50-60 години повеќе млади и деца од градот влегувале во пештерата и биле воодушевени од нејзината убавина, но потоа таа е затворена.
– Не знам зошто досега никој во земјава не се заинтересирал, ниту спомнал за преубавата пештера во утробата на Китиното кале. Ние како деца пред 5-6 децении, од источната страна откај селото Бичинци влегувавме во пештерата и бевме вчудовидени од нејзината убавина. Уште тогаш ја нарековме македонска Постојна јама – вели Трајче Ѓорѓијоски, жител на Кичево.
Тој додава дека иако отворот од пештерата е мал, сепак кога ќе влезете во нејзината внатрешност сводовите се доволно високи да можете слободно да се движите стоечки. Истите сводови се преполни со украси од сталактити, а на подот природата создала преубави сталагмити.
– Би било прекрасно оваа пештера целосно да се истражи и да се претвори во туристички локалитет во средиштето на Кичево. Со сѐ што нуди Китиното кале, таа ќе биде посакувана дестинација за секој намерник како од земјава така и од странство – додава Трајче.
Неговите тврдења за преубавата пештера под Китиното кале ја потврдуваат и повеќе жители од најблиската населба Подварош, дека и тие како деца имале можност пред повеќе децении да ја видат оваа преубава пештера малку позната на пошироката јавност.
Тој вели дека и соседната планина, Илиница, поседува пештера во која се влегува од западната страна и за нејзината големина и старост уште помалку се знае.