Осумнаесеттото издание на „Оф-фест“ беше отворено завчеравечер со концертот на Секу Кеита и на Кетрин Финч во МОБ, двајца извонредни музичари, кои иако доаѓаат од два континента и со себе носат различен багаж, традиционален и класичен, создаваат уникатна музика, со која свирејќи на своите инструменти, кора и харфа, испраќаат универзални пораки дека разликите зближуваат и облагородуваат. Тие презентираа нумери од своите два заеднички албуми. Магичната соработка почнала во 2008 г. и е доказ дека музиката на светот, која е толку колоритна и непредвидлива, во што и скопската публика се увери сите изминати 18 години, колку што се одржува „Оф-фест“, е прекрасен спој што ја слави различноста.
Првата средба со скопската публика на Секу Кеита и на Кетрин Финч беше емотивно патување и допре до публиката, која бурно реагираше по секоја изведба. Секоја од точките беше посвета – на загубени нешта, на копнеж за слобода, на барање на совршенството и навраќање на корените… Звукот на харфата, што на Кетрин ѝ ја позајмила Мерсиха Шукри и на оригиналниот инструмент кора, со кој првпат се среќаваме, а исто така е еден вид харфа во Сенегал, донесе едно смирување, но и нурнување во себе, во она најдлабокото во нас. И двајцата врни музичари го почувствуваа флуидот со публиката и на бис отсвирија уште две теми, летајќи со прстите преку жиците на харфата и на кората и ветија дека сигурно ќе дојдат повторно во Македонија.
Потоа, Оливер Белопета, првиот човек на „Оф-фест“, го најави Крсте Роџевски, Македонец што веќе 20 години живее и работи како лекар-психијатар во Њујорк, но музиката уште од младешките денови во родната Битола му е опсесија. Неговиот карактеристичен глас, што не се заборава, го знаеме од насловните теми на филмовите на Милчо Манчевски и на Столе Попов, но и од албумите на Дуке Бојаџиев со кого успешно соработува, а настапил и на неговиот концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк. Роџевски, како комплетен автор, има издадено три албуми („Батанија“, еден од најдобрите концептуални албуми на македонската музичка сцена, вториот „Bitter Almonds“ и третиот „The Rabbit and the Fallen Sycamore“, што најпознатиот и највлијателниот џез-магазин „Даунбит“ го вброи во својата листа на најдобри албумски остварувања во 2018 година). На првиот голем концерт во Скопје тој настапи со бендот, со кој ги реализирал овие носачи на звук, врвни музичари од њујоршката сцена. И уште од првите тонови на настапот на Роџевски, на почетокот малку претпазливо, а потоа сѐ похрабро влегувавме во неговиот свет на спомени, носталгија, одблесоци на некои минати времиња, кои несомнено оставиле траги во неговиот живот. Македонски блуз, може да се каже за неговите текстови, а музиката е микс на џез, поп-рок, фолк-елементи, боса нова.
– Не можам добро да ве видам, но го чувствувам бранот на позитивна енергија што ми го праќате – рече Крсте Роџевски, а сите во салата се уверивме дека до буква е точна неговата изјава дека музиката е најчиста уметничка форма, бидејќи може да постои независно до сѐ друго и е најблиску до срцевината на човекот.
– Во музиката не можеш само да флертуваш со идејата, туку мораш да скокнеш, да изгориш во неа – вели тој.
Додека патувал за Скопје, Крсте Роџевски напишал македонски текстови за некои песни што инаку ги пее „на латиница“, што беше уште еден куриозитет на овој концерт.
– Не смеам да згрешам ни збор, кога пеам на македонски пред вас – рече тој.
А текстовите испреплетени со архаични зборови, нѐ однесоа директно во неговиот свет на „бабини деветини, чувства најчудни, потиснати, заборавени“. Нѐ потсетија дека приказните, па и овие музичките, мораат постојано да се раскажуваат за да се пренeсуваат од колено на колено.
Вчера на програмата на „Оф-фест 2019“ во МКЦ, публиката го проследи документарниот филм „Мали блуз“, а потоа и концертот на Басеку Којате, а вечерва во МОБ ќе настапи најголемата ѕвезда на фестивалот, егзотичната африканска пејачка Фатоумата Дијавара.