На осмиот ден, околу 5.50 часот наутро, македонско-украинската експедицијата се упатила кон врвот Торанг ла Пас, на 5.416 метри надморска височина, каде што беа развиорени македонското и украинското знаме
Македонско-украинската велосипедска експедиција, во состав Лазо Миновски, Сашо Перовски и Ростислав Палагусинец, од 8 до 24 ноември успешно ја извози турата во должина од 250 километри, на највисокиот превој во светот Торонг Ла, на 5.416 метри надморска височина. Стартот беше од градот Бесисахар, во Непал, кој се наоѓа на 800 метри надморска височина, и се возеше до превојот Торонг Ла, кој се наоѓа на 5.416 метри надморска височина. За време на експедицијата велосипедистите имаа многу предизвици, непредвидени ситуации, но и можност да уживаат во природните убавини, бидејќи хималајските врвови ги сечат многу глечери и водопади. Лазо, Сашо и Ростислав на ова свое авантуристичко патување видоа 16 врва над 6.000 метри.
Всушност, оваа експедиција беше целосно во самостојна режија, а ѝ претходеа кондициски подготовки што траеја цела година. Претходно, Лазо Миновски возел само низ Македонија и на балкански тури, а по посетата на Хималаите, тој планира да се обиде да совлада и други интересни, но истовремено и опасни дестинации. Тој сосема случајно дошол на идеја да го направи овој чекор, во што многу брзо добил поддршка од колегата од Украина, Ростислав Палагусинец.
– Еден мој пријател лани во февруари ми прати видео од патувањето на српски велосипедисти на Хималаите. Уште истиот ден си посакав и јас да ја извозам истата тура. Идејата веднаш ја споделив со мојот колега од Украина, Ростислав Палагусинец. Тој ми кажа дека исто така размислувал да биде дел од највисоката планинска трка Јак Атак, на светот, што исто така е на Хималаите. И на двајцата ни се допадна идејата да бидеме дел од иста авантура и оттогаш почнавме да работиме на нејзината реализација. Детално анализиравме видео од дестинацијата, прочитавме за слични тури на форуми и поминавме доста време во разговори со луѓе што имале слични искуства. Почнавме да бараме нови членови во групата, со намера таа да нема повеќе од 5 члена. Наскоро дел од екипата стана Сашо Перовски. Веднаш почнавме со подготовки: комбиниравме возење велосипед лете и планинарење зиме. Оваа, 2019 година тренинзите ни беа секојдневни и постојано ги зголемувавме километражата и висината на искачување – ни откри Лазо Миновски, иницијаторот за ова патување.
На 8 ноември експедицијата тргнала за Непал.
– Пристигнавме во Непал на 9 ноември и веднаш, без ден пауза, почнавме со возење. Тргнавме од градот Бесисахар, кој се наоѓа на 800 метри надморска височина. Првиот и вториот ден ни беа најтешки и најдолги и најмногу висина искачивме. Имавме мали тешкотии поради адаптацијата на тамошните климатски услови. Потоа сѐ тргна нормално и петтиот ден се качивме на езерото Тиличо, едно од највисоките на светот, кое се наоѓа на 4.919 метри надморска височина. Бевме восхитени од неговата убавина. Потоа продолживме уште повисоко, на 5.007 м.н.в., каде што се соочивме со многу редок воздух, што за нас беше уште потешко поради тоа што возевме велосипеди. Следуваше симнување до 3.800 метри, а потоа почнавме со искачување на превојот Торанг ла Пас на 5.416 метри надморска височина – ни рече Миновски.
Тој дополни дека тука наишле на првите поголеми проблеми во текот на патувањето.
– Работите се искомплицираа ден пред искачувањето на највисоката точка, бидејќи во кампот во Торанг Педи, на 4.550 метри надморска височина, за нас немаше место за спиење, па нѐ пратија до највисокиот базен-камп на 4.920 метри. Тие два дена бевме и без интернет, а со тоа и без комуникација со нашите најблиски, поради што бевме малку тажни и збунети. Згора на тоа, временските услови беа многу влошени, а температурата се спушти до минус 15 степени. Таа вечер сите тројца не можевме да спиеме, поради тешкото дишење, и едвај чекавме да се раздени за да се упатиме кон врвот на превојот – ни рече Лазо, сеќавајќи се на најдраматичните мигови од патувањето.
Осмиот ден, околу 5.50 часот, експедицијата се упатила кон врвот Торанг ла Пас, на 5. 416 метри надморска височина, каде што беше развиорено и македонското, но и украинското знаме.
– Со мали проблеми со дишењето успеавме да се искачиме на 5.416 м.н.в. до Торанг ла Пас. Потоа ни се оствари сонот на секој велосипедист, почна најубавиот дел од турата – спуштањето. Без проблем се симнавме до 2.700 метри, во Јомсон, по што почнавме пак да се качуваме, но само до 3.700 метри. Ни преостанаа уште два дена возење од градот Бени, кој е сместен на 850 метри н.в. Така, цела тура од предвидените 12, ја поминавме само за 10 дена. Така ни преостанаа четири дена плус, па ги искористивме за шетање низ градовите Похара и живописниот Катманду. Во Похара ги посетивме Планинскиот музеј, Дејвс Водопадите и Пагодата на мирот, а во Катманду, оддалечен 190 километри, прво се упативме кон плоштадот „Дурбан“, а го разгледавме и тамошниот свет храм. Сѐ на сѐ, ова беа одлично поминати две недели во Непал и успешно возење на Хималаите околу Анапурна Ренџ. Уште еден доказ дека со голема желба и упорност секоја цел е достижна – вели Лазо Миновски.
По мала пауза и средување на впечатоците, тој ќе почне да се подготвува за следната далечна дестинација во Африка или Јужна Америка.