Уцуро буне – јапонското НЛО

Неколку извори сведочат за мистериозен настан што се случил во источниот дел на Јапонија. На 22 февруари 1803 година непознат кружен брод пристигнал на брегот на јапонската провинција Хитачи. Локалните рибари го закотвиле бродот, кој бил висок 3 метри и широк 6 метри. Горниот дел бил изработен од дрво, имал неколку прозорци од стакло и метални решетки, а долниот дел бил обложен со метални плочи што го штителе од карпите. Во внатрешноста имало натписи на јазик што никој не можел да го разбере. Од таинствениот брод излегла млада девојка на возраст од околу 20 години. Локалните рибари не можеле да комуницираат со неа бидејќи говорела на непознат јазик. Со својот физички изглед се разликувала од домородното население – имала бела кожа како снег, црвена коса и веѓи. Со себе постојано носела кутија кон која се однесувала заштитнички. Рибарите потоа ја вратиле на бродот и таинствената девојка си заминала.
Конструкцијата на таинствениот брод, како и физичкиот изглед на девојката, и понатаму ги збунува истражувачите. Според една теорија, бродот и девојката имаат руско потекло. Според други истражувачи, приказната за мистериозната девојка е составен дел од традиционалниот јапонски фолклор. Најконтроверзната теорија тврди дека мистериозниот настан, всушност е сведоштво за НЛО и вонземјани.


„Војникот што игра шах“

„Војник што игра шах“ е дело на францускиот уметник Жан Метценже, еден од најголемите уметници на 20 век и прв теоретичар на правецот кубизам. Главна инспирација за оваа слика е Првата светска војна. Метценже бил сведок на воените ужаси, но наместо страшните воени сцени, на платното претставил војник со цигара во устата како движи шаховски фигури. Оваа уметничка слика има особено значење во историјата на уметноста. Се претпоставува дека е насликана во периодот 1914-1916 година и нејзиниот стил е форма на кубизам, која е позната како кристален кубизам.


Кралската игра од Ур

Кралската игра од Ур е античка стратегиска игра што се играла пред околу 2.000 години пред нашата ера во Месопотамија. Своето име го добива според античкиот град Ур, каде што првпат била откриена од страна на археолозите при ископувањата на кралските гробишта во овој град. Во антиката играта била популарна на Блискиот Исток, но се откриени докази дека се играла и на Крит и Шри Ланка. Кралската игра од Ур имала духовно значење и се верувало дека ја открива иднината на играчот преку пренесување порака од страна на боговите. Својата популарност ја изгубила во доцната антика и била заборавена. Денес единствен човек што може да ја игра е кураторот на Британскиот музеј, Ирвинг Финкел, кој успеа да ги реконструираа основните правила на играта. Играта од Ур личи на модерна табла и е комбинација од стратегија и среќа.


„Тешкиот Густав“ и „Дора“ – германските воени чуда

„Тешкиот Густав“ и „Дора“ се најголемите топови со калибар од 800 мм, кои германската армија ги користела во текот на Втората светска војна. Биле произведени од легендарната компанија „Круп“ кон крајот на 30-тите години на 20 век. Нивната главна намена била уништување на големи и силни утврдени цели. „Тешкиот Густав“ бил тежок 1.345 тони и можел да исфрли проектил со тежина од седум тони на далечина од 38 километри. Бил предвиден за употреба на француската Мажинова линија, но пред сѐ бил користен во германската офанзива на Советскиот Сојуз, особено во текот на опсадата на Севастопољ. Вториот топ од овој калибар го добил името „Дора“ и бил користен во текот на битката за Сталинград. Откако германските сили започнале да се повлекуваат на Источниот фронт, „Дора“ повеќе не бил користен во понатамошните борби. „Дора“ и „Тешкиот Густав“ биле уништени од страна на германската армија кон крајот на војната.