Македонскиот народен театар ќе учествува со две претстави на годинашното 42. „Скопско лето“. Станува збор за меѓународниот проект „Отело“ од Вилијам Шекспир, во режија на Нина Николиќ. Претставата е копродукција меѓу МНТ, БНП, Зеница – БиХ и Перипетија продукција – Скопје, а играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска е костимографка, а на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Втората претстава е комуникациската современа музичка драма „Само глас“ од авторката Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, кој наедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ. „Само глас“ својата премиерна изведба ја имаше на 26 мај оваа година.

Претставите ќе се одиграат на големата сцена во МНТ со почеток во 20 часот, „Отело“ е закажана за утревечер, а „Само глас“ на 7 јули.