Кинотеката им го доделува ова признание на филмски работници што преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија

Управниот одбор на Кинотеката на Македонија одлучи дека лауреати на наградата „златен објектив“ се филмската монтажерка Олга Лукова Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година им го доделува ова признание на филмски работници што преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Олга Лукова Дончиќ е родена во Скопје, 1945 година, каде што завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент-монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и на долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година. Работела на монтажата на филмовите: „Македонска крвава свадба“, „Тито во Охрид“, „Лето господово ’67“, „Луѓе и фасади“, „Лифт горе, лифт долу“, „Споменик“, „Републиката во пламен“, „И водите на Вардар ќе бидат скротени“ и многу други.

Благоја Куновски-Доре е роден во Скопје, 1946 година. Тој е долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ. Куновски е и долгогодишен уметнички директор (2009-2019), селектор на главната натпреварувачка селекција (1995-2019) и директор (2016-2017) на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм „Синедејс“, основач е и програмски координатор на меѓународниот фестивал на анимиран филм „Анимакс“. Куновски со децении е член на ФИПРЕСЦИ, водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција (три пати), Лондон, Москва, Карлови Вари… Член е на асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари ФЕДЕОРА. Автор е на илјадници прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и во светските медиуми.

Куновски е коавтор на монографијата „Дожд: светот за филмот Пред дождот на Милчо Манчевски“, 2004 година; коавтор и еден од уредниците на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“; соработник на филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на „Кинотечниот месечник“ и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“; соработник и уредник во филмските списанија „Синеаст“ (Сараево), „Филмска култура“ (Загреб), „Филмограф“ (Белград) во поранешна Југославија итн…
Досегашни добитници на „златен објектив“ беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.