Од 23 до 29 август Кавадарци беше домаќин на 30 уметници, учесници на јубилејната 30-та по ред ликовна колонија „Михајлово-Кавадарци 2026“. Вилата „Моклиште“ повторно беше место каде што се сретнаа уметноста, природата и вековната традиција на одгледувањето на виновата лоза во топлата и секогаш гостољубива Тиквешија. Твореа уметници од Македонија, Србија, Турција, Бугарија, Финска и Косово, кои со својот талент и креативност оставија траен белег во историјата на оваа колонија.
– Зад секое од создадените 70 уметнички дела стојат часови посветена работа и емоција на личниот творечки печат на секој автор, инспириран токму тука, во питомата Тиквешија и вилата ‘Моклиште’ каде што престојуваа и твореа уметниците. Но, зад оваа колонија стои и нешто многу поголемо — човечката потреба да се дружиме, да се запознаваме, да ги споделуваме различностите и преку уметноста да градиме мостови меѓу луѓето и народите – рече во своето обраќање Јулијана Туриманџова на затворањето на колонијата.
Моклиште овие денови беше повеќе од место на творење — беше еден голем дом на уметноста во кој немаше граници, јазични бариери и разлики, туку само луѓе обединети од една иста љубов кон уметноста.
Кавадарци веќе цели три децении покажува дека знае да ги препознае и почитува тие вредности, бидејќи е град на лозјата и виното каде што традицијата, гостопримството и боемскиот дух се дел од секојдневието. Изложбата на сите создадени дела од колонијата е најавена за наскоро. М.М.








































