Синдикатот на Македонската филхармонија објави дека вработените во институцијата бараат разрешување на в.д. директорот Даниел Лазаровски поради, како што велат, непрофесионалното менаџирање, кое што се одразува со негативни последици врз целокупното функционирање на Македонската филхармонија.
– Поради неправилности во работењето, како и низа незаконски постaпки на в.д. директорот Даниел Лазаровски кои доведуваат до нарушување на меѓучовечките односи, а воедно и нарушување на угледот на институцијата не само во национални, туку и во меѓународни рамки, ние – вработените во НУ Филхармонија и членови на синдикатот на истоимената институција поднесуваме петиција со која бараме негово разрешување – велат од синдикатот.
Вработените преку синдикалната организација поднеле петиција до Министерството за култура, со барање за итно разршување на в.д директорот. Петицијата ја потпишале 100 вработени во Македонската филхармонија.
– Имено, на Македонска филхармонија, како и на сите останати институции од културата во земјава им се потребни управители со долгорочна визија за развивање и унапредување на уметноста и културата, односно со знаења и компетенции за креирање и спроведување компетитивни и атрактивни програми во согласност со културната дејност и позитивните законски прописи, како и компетенции за развивање долгорочни соработки и управување со човечкиот капитал, односно вработените во институцијата. За жал, сегашниот в.д. директор на Македонска филхармонија со своите постапки не покажа дека има капацитет да управува и раководи со една од најзначајните културни институции во земјата – се наведува во петицијата.