Завршија годинашните археолошки истражувања

Завршија годинашните археолошки истражувања на античкиот урбан центар Стибера кај селото Чепигово, Прилепско. Од Заводот и музеј во Прилеп информираат дека новооткриената градба е прилепена до административната зграда на главниот градски пазариштен плоштад – агората.
– Според наодите што ги откривме, констатираме дека градбата е подоцнежна, односно датира од средината на третиот век, кога Стибера по насилните упаѓања на варварските племиња Херули и Готи ги губи својот сјај и високата политичка позиција што ја имала во рамките на Римската Империја. Под неа откривме и остатоци од постара градба од првиот век.

Пронајдени се два мошне важни движни наоди – сребрен денар со ликот на царицата Фаустина од вториот век и бронзен прстен со издлабена претстава на крст. Сребрениот денар со ликот на Фаустина е мошне рана појава на христијанството, чија репрезентативна мермерна биста е откриена во административната зграда на агората – вели советникот археолог Душко Темелкоски, кој посочува дека следната година ќе продолжат со истражувањето на овој значаен македонски локалитет.
Заводот и музеј за годинашните истражувања на Стибера од Министерството за култура доби 150.000 денари. Ка.М.