Милко Нестороски, уметник

Пред скоро време ги претставивте вашите дела во Амбасадата на Малта во Хаг, што содржеше поставката?
– Станува збор за настан посветен на членството на Малта во Советот за безбедност на Обединетите нации. Лида Шерафатманд, уметница што веќе три години живее и твори во Струга, беше поканета да ги изложи своите дела. Јас влегов во приказната затоа што со Лида сме коавтори на уметничкиот манифест наречен „Флоресенцизам“, кој премина во уметничко движење. Едно од моите дела целосно се поврзуваше со темата на настанот – благосостојбата на водите. Делото се состои од две кукли, дел од мојата серија на т.н. музи, кои претставуваат еден аспект на инспирацијата како биолошка карактеристика на човечкиот вид. Ги нарекувам амбасадори на светот од онаа страна и претставуваат персонификација на површината на водата. Овие музи се персонификација на површината на водата и нејзината карактеристика да ја отсликува надворешноста врз себе. Тоа истовремено посочува на идејата за естетиката на водата, која зависи од внатрешната чистина, но и од состојбата на надворешниот свет што се рефлектира врз неа. Делата наидоа на одлични реакции од присутните, амбасадори на над 70 различни држави и други етаблирани личности. Ја искористив можноста и за промоција на Струга и нејзиното културно и природно наследство, затоа што свесноста на нашата држава за ова богатство е на незавидно ниво.

Што претставува манифестот за уметничкото движење „Флоресенцизам“?
– Се работи за текст во кој со Лида ги срочивме заедничките размислувања за уметноста, кои се развиваат во слична насока. Појдовна точка беше заедничката желба за давање одговор на општествените проблематики, не преку нивно преповторување во делото, туку прикажување визија за нешто што би ги урамнотежило. Сметаме дека во моментов недостига рамнотежа во доминантните уметнички изрази поради прекумерната употреба на елементите на „шок“ и „трик“ во уметноста за брзо привлекување внимание. Кампањите против глобалното затоплување и други еколошки кризи не можат да бидат целосно ефикасни, без да се воспостави врска со природата. Пандемијата на коронавирусот дополнително потенцира некои симптоми на недостиг од блискост и врска со природата, како и општество што повеќе е натпревар за профит отколку градење заедница. Манифестот веќе ја има добиено поддршката од еминентни научници и професори. Објавен е во „Арт и мјузеум магазин“ во пролетниот број за 2021 година (Монако, Лондон) и во академското списание за историја на уметноста „Купас Сени“ истата година. Беше спомнат и во две дипломатски списанија што пишуваа за изложбата во Хаг.

Која е и каква е улогата на уметноста во развојот на човечката цивилизација?
– Улогата на уметноста во човечката цивилизација многу полесно може да ја препознаеме од знаењата што ги имаме за праисториското, т.н. примитивно општество. Пештерската уметност и декорирањето на предметите наспроти предметите наменети за извршување некаква физичка обработка, ги гледам како докази дека потребата од нешто такво нѐ дефинира како вид од самите почетоци, постоењето на таквата потреба ја сметам за биолошка. Сето тоа е поврзано со имагинацијата како човечка карактеристика.

Велите дека во уметноста сакате да се занимавате со клучни прашања, кои прашања го заслужуваат вниманието на уметникот или, конкретно, вашето внимание?
– Оние што имаат практична полза за денешницата, но навлегуваат во нејзините корени на нашето колективно постоење, прашања што произлегуваат од нашата биолошка природа како вид. Нашата поставеност и одговор на нив се манифестираат во колективното функционирање и реалност.

Фокусот на вашето сликарство е на портретот и пејзажот, каква е врската помеѓу овие два мотива?
– Портретот како мотив го има човековиот лик, тоа сме ние, а безмалку сѐ што секој од нас остварува е преку друг човечки лик, сите ние сме дел од пејзажот, а на многу начини тој е дел од нас. Со пристап на визуелно истражување на физичките карактеристики на човековиот лик и природата и појавите во неа, во моите слики претставувам психолошки и духовни теми што произлегуваат од односот во оваа дихотомија. Со други зборови, во моите слики ја потенцирам неизбежната поврзаност што постои помеѓу човекот и природата. Тука влегува и односот на човекот со елементите на природата: огнот, воздухот, земјата, водата, растителниот и животинскиот свет, како и Сонцето, Месечината, ѕвездите, односно вселената со сите небесни тела. На духовно ниво, ме интересираат начините на кои нашата свест и потсвест реагираат и се поврзуваат со овие форми, а потоа влијаат врз тоа како се чувствуваме и како ја обликуваме нашата реалност.