Фото: Илустрација/ Пиксабеј

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш ја критикуваше „гротескната алчност“ на компаниите за нафта и за гас поради рекордните профити што ги остваруваат од енергетската криза на сметка на најсиромашните луѓе во светот.

Тој истакна дека е „неморално“ тоа што најголемите енергетски компании во првиот квартал од годинава оствариле комбиниран профит од приближно 100 милијарди долари.

Гутереш ги повика сите влади да ги оданочат овие прекумерни профити и да ги користат даночните средства „за поддршка на најранливите општествени класи во овие тешки времиња“.

Генералниот секретар на ОН го презентираше и извештајот на Глобалната група за одговор на кризи, која ја формираше за да се справи со три меѓусебно поврзани глобални кризи – храна, енергија и финансии, кои особено ги погодија земјите кои се обидуваат да закрепнат од пандемијата со ковид-19 и да се справат со катастрофалните последици од војната во Украина.