фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Пет детски театарски претстави во различни продукции од целата држава ќе имаат можност да проследат љубителите на театарот во Кавадарци и целиот регион во рамките на првото издание на македонски „АСИТЕЖ“ фестивал, кој синоќа свечено беше отворен во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Честа да го отворат фестивалот, овој несекојдневен празник на театарот за деца, ја имаа домаќините со детската претстава „Убавицата и ѕверот“ во режија на Микица Илова, а во продукција на театрот од домот на културата.
Фестивалот е во организација на Здружението на детски театри „Национален центар АСИТЕЖ“, а ќе можат да се проследат претставите „Книголандија“ во режија на Кристина Атанасова Арсова на центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, потоа претставта „На гости кај Кате и Фреда“ во режија на Јован Ристовски на „Бабец Театра“ од Битола, претставата „Тоби“ во режија на Драгослав Тодоровиќ на Театар за деца и младинци од Скопје и претставата „Колку е часот“ на театарот „Облаци и сенки. – Во рамките на отворената програма на фестивалот за во недела е предвидено да се одигра претстават за возрасни „8%“ во продукција на Ато Центар од Битола.
Различен по својот концепт во споредба со другите значајни фестивали на претстави за деца и млади во Македонија, македонскиот „АСИТЕЖ“ Фестивал нуди избор од најдобрите македонски продукции за деца и младинци – подвлече во своето обраќање претседателката на Македонскиот национален центар „АСИТЕЖ“ и директор на фестивалот, Јулијана Мирчевска.
Фокусот на овој фестивал ќе биде воспоставување дијалог првенствено помеѓу театрите и училиштата како главни посетители на театарските претстави за младата публика, по секој фестивалски ден ќе се понуди простор за заедничка јавна дискусија на членовите на АСИТЕЖ, посочувајќи ги различните можности за соработка помеѓу театрите и образовните институции. Исто така отворен за различни продукциски модели, македонскиот „АСИТЕЖ“ Фестивал ќе ги стави институционалните и вонинституционалните татри во позиција на еднаква евалуација, што може значително да влијае на понатамошниот развој и квалитетот на театарската продукција. -Фестивалот ќе дава поттик и подршка на нови форми, изрази и естетика, ќе влијае на зајакнување на соработката меѓу театарот и училиштата во насока на подобрување на нивната улога и општествена одговорност – истакна Јулијана Мирчевска
Воедно фестивалот треба да понуди поголема видливост на уметниците што работат со и за децата и во иднина да биде клучен настан во државата на кој секој ќе има можност да ја презентира својата работа, додека од друга страна децата и младите ќе добијат можност директно да бидат вклучени во реализацијата на фестивалот преку волонтерски акции со што театарската уметност ќе биде достапна и за децата од внатрешноста на нашата земја.
Во знак на благодарност за ангажманот во организирањето на фестивалот Мирчевска им врачи дипломи на режисерката Микица Илова, костимографката Сара Милевска и на директорката на домот на културата во Кавадарци Јулијана Туриманџова.