Вечерва, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот насловен „Вида“, на кој како солист ќе настапи виолинистот Владимир Костов. Гостин на концертот е чембалистката Цветанка Созовска. На програмата се дела од Корели, Вивалди, Порпора и Рихтер.
Аријата „Alto giove“ е сегмент од неговата опера „Полифермо“, исклучително музичко-сценско дело, во кое ги поместил границите на статичната опера серија и нејзините конвенции, со употреба на послободна структура, која е во расчекор со ригидната музичка формула што се користела за пишување опери во тоа време. Концертот за виолина ,,Il grosso mogul“ во Де-дур е едно од раните дела на Антонио Вивалди. Околу средината на 1710 година, Јохан Себастијан Бах го транскрибирал овој концерт за оргули во Це-дур. Насловот на концертот, најверојатно, како што сугерираат историчарите, е извлечен од либретото за истоимената опера, напишано од Доменико Лали. „Вивалди – Четири годишни времиња – рекомпонирани“ од современиот британски композитор Макс Рихтер (1966) е дело во кое се ресоздава и реинтерпретира најпознатото дело на познатиот италијански композитор.
Владимир Костов (1975) е единствен музичар од Македонија што повеќепати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар му се нуди неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот. Настапува и со оркестарот „Исток-Запад“ во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли, меѓу кои се камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичката младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика „Кон темпора“. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Моментно работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.