Виолинистот Шломо Минц на „Охридско лето“

39

Американско-израелскиот виртуоз на виолина, Шломо Минц, одржа концерт во рамките на Американската вечер на 62-то „Охридско лето“. Пред почетокот на концертот се обрати вршителот на должноста амбасадор на САД, Ерик Мајер.
– Почестен сум што сум овде вечерва. Пресреќни сме поради нашето учество на овој фестивал, поради Американската вечер со нашиот многу посебен виолинист. Се надевам дека публиката ќе ужива. Културната дипломатија ги надминува сите јазични и културни бариери – изјави Мајер.
Некогашното чудо од дете, Шломо Минц, молскавично се вивна во височините на светскиот виолински артизам и веќе долги години е на врвот на светските виолински имиња. Минц свиреше маестрално, со голема леснотија и брилијантна техника и со своето префинето музицирање во црквата „Света Софија“ уште еднаш покажа дека е уметник од највисок ранг.

– Свирев многу посебна и необична програма, необична дури и за мене, дела од Х.В. Ернст и од Паганини. Тие биле професор и ученик. Ернст му бил ученик на Паганини. Ова се смета за најтежок репертоар за виолинисти. Инаку, на овој фестивал сум третпат. Ги обожавам Охрид и неговото прекрасно езеро и сите убавини околу него. Сакам да воспоставам врска со вашиот фестивал, која, се надевам, ќе трае многу години – изјави маестро Минц.
Шломо Минц, според многумина, вклучувајќи ги и според колегите, публиката и критичарите е еден од најзначајните виолинисти на нашето време поради неговата исклучителна музикалност, стилска разновидност и беспрекорна техника.