Претставата „Вернисаж“ ја имаше својата премиера во Драмскиот театар.
Автор на претставата е Вацлав Хавел, преводот е на Никола Маџиров, а режијата е на Теа Беговска.

Сценограф е Енес Деари, на визуализацијата и анимациите се потпишува Милчо Узунов, композитор е Енес Беговски, а костимограф Раде Василев.
Улогите ги играат Роберт Вељановски, Предраг Павловски и Гордана Ендровска.

„Откривање“ или „Вернисаж“ на Вацлав Хавел е смешен коментар на маргинализираниот човек. Брачна двојка што е тотално заслепена, маѓепсана од материјализмот и консумеризмот на животниот век, кој ги прави и самите нив жртви на еден добро обмислен општествен систем. Конвенционален свет во кој дури и среќата е на некој начин организирана. Љубовта како највисока човечка свест е исто така организирана и однапред испланирана.
– Всушност, Вернисаж е една „изложба“ на денешното човечко битие. Нивното откривање не престанува да биде смешно, а истовремено и апсурдно, бидејќи „нападот“ кон пријателот станува до тој степен агресивен, што и самата среќа за која зборуваат добива агресивна форма со која треба да се напаѓа, а потоа да се преработи. Среќата како емоција овде е „изглумена“, преглумена, нема никакво суштинско и природно значење. А денес одредени емоции, меѓу кои и среќата, играат во интерес на креаторите на општествените состојби и нивна основна задача е одржување на овие состојби. Во суштина нивната главна улога е: маѓепсување, успивање, одржување на ниско ниво на свест кај сеопштата толпа. На овој начин се креира еден вештачки свет на вештачко однесување, вештачки начин на живот, вештачки брак. И во тој вештачки свет имаш само еден избор – да станеш и ти вештачки ако сакаш да се вклопиш во тој систем. Главната парадигма е – вклопи се за да преживееш – споделува Теа Беговска.

Помпезното „Откривање“ на новиот дом на брачната двојка нѐ тера да се запрашаме дали и колку сме откриени ние. Дали вака треба да се откриваме, а ако не вака, тогаш како? Изолацијата нѐ натера да седиме во четири ѕида, без да нѐ праша дали сакаме, дали ни е убаво. Нѐ натера да поминуваме време со луѓе (партнери) со кои можеби и не се познаваме доволно добро. Не сме си се откриле доволно еден на друг. Оваа претстава е само еден мал дел од тоа откривање, а во тоа главното прашање – кој е пријателот што треба „да ни дојде на гости“ за да се откриеме и освестиме целосно, а можеби и не, дополнува Беговска.
– Mногу работи во театарот се веќе кажани, но и многу од нив треба пак и повторно и повторно и одново и одново и од почеток и од почеток да се повторат – како потврда за оној магичен круг што го нарекуваме сцена на која актерот дише – вели Беговска.