Повеќе од 500 ученици од Македонија и од шест европски земји ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе следат креативни работилници, ќе се сретнат успешни уметници, ќе ги запознаат културата и традициите на своите другарчиња од странство од денеска до 10 октомври во Скопје на 10. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Итало“ на режисерката Алесија Скарсо, вечерва во 19 часот во киното „Милениум“. Приказната за нежното и трогателно пријателство помеѓу едно осамено момче и едно куче, кое е пример за човечност, ќе биде бесплатно достапна за публиката.
По десетти пат единствениот концепт на споделување искуства меѓу младите преку филм, култура, уметност и креативност, ќе завладее во Скопје на повеќе локации. Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ“ е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се гради сегашноста и иднината за сите. Гости на фестивалот ќе бидат и учесници од: Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.
Фестивалот вечерва ќе го прогласи за отворен амбасадорот на Италија во Скопје, Н.Е. Андреа Силвестри.
Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувања на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.
Џифонците освен што ќе гледаат филмови од поновата европска продукција, ќе учествуваат и на 11 работилници. За јуниорите годинава се подготвени: ликовната што ќе ја води Моника Мотеска, музичка со Лада Шоптрајанова Петровска и филмската што ќе ја води режисерката Марија Џиџева.
Сениорите ќе можат да работат на работилници за фотографија и видеомонтажа во соработка со ИКС, за анимиран филм со Крсте Господиновски, стрип со Здравко Гиров и Давор Драмаќинин, дигитален дизајн со Ладислав Цветковски и филмска со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во 19 часот, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници.