Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор што е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување,мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди, велат од МСУ
Во Музејот на современата уметност – Скопје е отворена годишната изложба „Сè што ни е заедничко“, во партнерство со најзначајната манифестација за современа уметност – европското биенале „Манифеста“. Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Уметници чии дела се изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома џем сешн уметнички колектив Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Македонија).
– Покрај изложбата, во рамките на проектот е дефинирана и паралелна програма.
На самото отворање на изложбата, уметничкиот колектив „Рома џем сешн“ ја промовираше публикација „Морфирање на ромското етикетирање“ и имаше перформанс. Низ групна медитација, публиката имаше можност да доживее холистички пристап кон современата историографија и наратив на Ромите во Швајцарија, преку обука за ментална и физичка агилност и стабилност на рамнотежа.
– Привремената заедница се замислува себеси како лабораторија за лекување на затегнатите односи во нашето општество на безбеден простор – велат од МСУ.
Вечерва, во 20 часот, во МСУ ќе одржи предавање уметникот Ден Тарнер, чии дела ќе бидат изложени во претстојната поставка. Насловот на предавањето е „Ромската современа уметност против структурната нееднаквост“, разговорот со уметникот ќе го води Артан Садику. На ова му претходеше предавањето „Функцијата на идентитетот во современата уметност“ на уметникот Сеад Казанџиу.
Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор што е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди.
– Темите со кои се занимаваат уметниците Роми во оваа поставка отвораат различни прашања поврзани со системското насилство врз Ромите и другите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родовата нееднаквост, војната, мигрантската криза, холокаустот во однос на денешните светски ултранационалистички политички идеологии, потребата од различна политика на грижа… Целта на изложбата е да ја прошири политичката имагинација надвор од стереотипната претстава и преку споделено знаење од меѓународно познати и домашни уметници да артикулира поинакви начини на себепретставување и да ги централизира и направи видливи игнорираните и недостапни маргинализирани наративи за Ромите – велат кокураторките на изложбата, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Изложбата отвора можност да се прашаме каков е светот кога е искусен, развиен и живеен од перспектива на разлики, што и како претставуваме, на кои гласови им даваме предност пред другите, што дознаваме за себеси преку спознавање на другиот.
Изложбата ќе биде отворена до 20 февруари 2023 година.