Автофикција од Германија

Германската авторка Лена Шете, годинашната добитничка на престижната награда „Ингеборг Бахман“, гостува во Скопје по повод преводот на нејзиниот роман „Црните дланки на татко ми“.
Промоцијата е закажана за денеска во кафе-барот „Лабораториум“ со разговор меѓу авторката Лена Шете и преведувачката на романот Катерина Шекутковска, кој ќе биде модериран од поетесата и преведувачка Александра Спасеска. Низ разговорот ќе може да се чуе за специфичното писмо на Шете, кое е проткаено истовремено и од личната биографија и од имагинацијата, а кое длабоко задира во секојдневието на едно сиромашно семејство во германската провинција. Алкохолизам, преработеност, насилство и срам: Шете храбро ги адресира темите што доминираат во одредено социјално милје, а често се третираат како табу, но ја раскажува и приказната за едно растргнато семејство што се бори за поддршка, љубов и за заедништво.
На 13 септември од 11 до 14 часот во „Лабораториум“, под водство на авторката Лена Шете ќе се одржи и работилница за автофикција. Покрај тоа што Шете завршила „Книжевно пишување“ на Германскиот институт за литература во Лајпциг, таа е и долгогодишна менторка на работилници за креативно пишување, често истражувајќи ги потенцијалите на автофикцијата. Бројот на учесници е ограничен и ве замолуваме да го пријавите вашето присуство на [email protected].
Настаните ќе се одвиваат на англиски јазик, а се реализираат во организација на Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка и издавачката куќа „Илика“, со поддршка од институтот „Гете“ во Скопје.