Потресни искажувања на нобеловката на „Букстар“
Завршната манифестација на годинашниот фестивал „Букстар“ го задржа вниманието на интернационалната публика во киното „Фросина“ во МКЦ, која со внимание го проследи разговорот со нобеловката Светлана Алексиевич (Белорусија), годинашната добитничка на наградата „Букстар“, за нејзиниот роман „Војната нема женско лице“, објавена на македонски во издание на „Антолог“. Разговорот го водеа Андреј Јованчевски и Лидија Танушевска.
– Знаете, дознав дека има многу жени во украинската армија, дури има и мал белоруски одред, составен од жени што поминуваат обука и се подготвуваат за војната. Многу од нив ја имаат читано „Војната нема женско лице“ и се надевам дека книгата им дава сила. Мислам дека не ги исполнува со омраза, би сакала да ги исполнува само со сила. Оваа книга започна со мојата новинарска работа. Секаде каде што заминував по новинарски задачи – а во тоа време многу се пишуваше за војната – секаде ги слушав машките приказни. Жените како да ги немаше, мажите ги истиснуваа на втор план. Дури кога ќе влезеш во некој дом, каде што војувале и мажот и жената, мажот цело време ја истерува жената во кујна, не ѝ дава збор: „Оди направи чај, оди исечи колач, јас ќе раскажам сè што треба“. И кога жената ќе заминеше во кујна, ќе прашав: „Зошто правите така?“ А одговорот беше: „Што ќе ви каже таа? Што може жена да ви раскаже?“ Таков беше машкиот однос. Мажите, може да се каже, ја имаа украдено победата од жените по војната. И колку повеќе одев и се среќавав со тие жени, толку повеќе осознавав дека тие раскажуваат за една сосема друга војна, не за истата за која зборуваа мажите. И таа војна – се сеќавам како разбеснетиот цензор ми мавташе со ракописот пред лице и ме прашуваше: „Кој ќе оди да војува ако ја прочита вашава книга?“ Пацифизмот беше навредлив збор во тие времиња. А јас сакав да ја раскажам вистината – рече нобеловката.
Алексиевич е добитничка на огромен број награди. а за нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.
– Пред многу години бев зачудена кога во дневниците на Толстој, пишувани по „Ана Каренина“ и по „Војна и мир“, се соочив со следниве зборови: „Наскоро на писателот ќе му биде срам да измислува живот, а ќе стане важно да се запишува онаков каков што е, да се слушаат и запишуваат самите луѓе.“ И би рекла дека јас спаѓам во редот на тие писатели, а кога зборуваат дека тоа наводно не е литература – тие луѓе се замрзнати во стариот свет, а вие гледате како светот се менува. Што е ликовната уметност, да речеме? Денес таа е веќе поинаква, бара други форми, на кои веќе сме навикнати. А книжевноста, од некоја причина, сакаме да ја затвориме во старите форми. И кога Нобеловиот комитет ја покажа таа широчина, кога книжевноста исто така бара нови форми, кога сака да му се приближи на животот, на денешната реалност, на денешниот човек, на неговата свест, на неговите мисли, чувства – тоа исто така бара поинакви форми, поинаков стил. Самиот живот го побара тоа – раскажа Алексиевич.
Публиката масовно го посетуваше „Букстар“ во изминатите три дена, а нејзината реакција, според организаторите, е дека ова е најуспешното фестивалско издание досега, кое донесе сосема нов програмски и концепциски пристап кон тоа што значи книжевен фестивал од европско и светско рамниште. В.Д.