Во Драмскиот театар во Скопје, денеска, со почеток во 19.30 часот ќе се одржи свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за 2023 година, која ја доделува фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“). Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Свеченото врачување на оваа значајна награда, која ја започна „Утрински весник“ и ја доделуваше до згаснувањето, а потоа ја презеде фондацијата „Славко Јаневски“, ќе мине и во знакот на големиот јубилеј, 25-годишнина од нејзиното постоење. Во рамките на свеченоста ќе биде отворена изложбата „25 години Роман на годината“, на која ќе бидат претставени сите дела – досегашни носители на ова признание. Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на фондацијата, која се состои од сите наградени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од основачите на „Утрински весник“ и на наградата „Роман на годината“. Тој беше иницијатор за формирање на фондацијата „Славко Јаневски“ со цел наградата да може да опстои и натаму.
На свеченоста ќе им бидат врачени благодарници на поединци и организации што придонеле за развојот на наградата, ќе бидат емитувани видеоматеријали за нејзиниот развој, а сето тоа ќе биде проследено со музички настап на џез-бендот на Гоце Стевковски.
Во рамките на обележувањето на јубилејот, фондацијата „Славко Јаневски“ заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организираше мошне содржајна дебата за македонскиот роман и современите тенденции во светската книжевност. Од фондацијата најавуваат низа други активности и содржини со кои ќе го обележуваат јубилејот во текот на целата година.
Наградата е поддржана од Министерството за култура.