Изложбата „Фрагментирани реалности“ на Страхил Петровски е отворена во салонот Империјал 1 и салонот Империјал 2 во КИЦ. Кураторка на проектот е Маја Чанкуловска – историчарка на уметноста. Станува збор за мултимедијален проект, изложба на дела од најновата продукција на авторот создадени оваа година и работени во различни медиуми: просторна инсталација, дела на хартија и „реди мејд објекти“ поставени во салонот Империјал 1 и видеоинсталација во салонот Империјал 2.
– Што се однесува до самата нарација во делата, тука го претставувам своето наталожено искуство и став за импактот на колективната и особено лична одговорност, изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешнина на информацискиот хаос…, низ комплексни слоеви од универзални значења – вели Петровски.
Поставката е чиста во минималистички дух, транспарентна и едноставно читлива.
– Проектот, пред сѐ, е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и со години), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики, време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос што речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни што влијаат на виталноста на целата планета – објаснува уметникот.
Во тој контекст оваа изложба нема цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази што се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото. Ова е 20-та самостојна изложбана на визуелниот уметник Страхил Петровски.