Роденден на Кинотеката на Македонија
Денеска (29 април) Кинотеката на Македонија го одбележува својот роденден, односно датумот кога е основана во далечната 1974 година. Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции. Последниве две децении по тој повод Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“ на филмски автори и работници што преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
– Годинава „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор. Тој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование – велат од Кинотеката.
Столе Попов (р. 1950) во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – „Оган“ (1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Во 1978 година се вработува во „Вардар филм“, а и веќе во 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје, станува прв македонски автор што е номиниран за престижниот американски „оскар“, како претставник не само на македонската туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Својот прв игран филм „Црвениот коњ“ го реализира во 1981 година. Потоа следуваат долгометражните филмови „Среќна нова ‘49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Џипси меџик“ (1997) и „До балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“. Во 2011 година неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание, што наедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од Кинотеката.
– Речиси сите негови филмови, и документарните и играните, се наградувани на голем број регионални и светски фестивали, а некои од нив, на пример „Среќна нова ‘49“ и „Тетовирање“, се стекнуваат и со култен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, статус што само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет, заедно со неговата филмска оставина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот, кои дошле и доаѓаат по него, поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус и од неговиот високозначаен стилски авторски белег што го остава во македонската кинематографија – велат од Кинотеката.
Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на Столе Попов ќе се одржи кон крајот на мај оваа година.