Самостојна изложба на проф. Жарко Башески ќе биде отворена на 15 септември (четврток), во Македонската академија на науките и уметностите. Башески е професор на Факултетот за ликовни уметности – катедра вајарство.
Во рамките на изложбата ќе бидат поставени скулптури од неколку циклуси. Публиката ќе има можност да погледне постари дела што претходно не биле изложувани во Македонија, вклучувајќи и скулптури изложувани во Њујорк, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Мексико, како и сосема нови, претходно никогаш неизложувани дела.
Изложбата вбројува скулптури изработени во мермер, полиестер и силикон.
Кураторка на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска, а настанот ќе биде отворен со текст на академик Венко Андоновски.
Жарко Башески, роден 1957 година во Прилеп, е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Неговото гледиште во творештвото е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичен пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме. Во неговата работа има неколку елементи што се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото најново дело различно: концептот, современите погледи на човековата состојба преку самонабљудување, техничко производство и употреба на нови материјали (смола, полиестер, полимермер, силикон, природна коса), хиперреалистичниот третман, големината на делото, филозофскиот пристап – сето тоа, кога се комбинира во едно, нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.
Поранешен член е на Националниот одбор за акредитација и евалуација, Сенатот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција. Од 1999 до 2009 година бил раководител на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности. Неговото дело е претставено на повеќе меѓународни изложби. Добитник е на голем број награди. Голем дел од неговото творештво е во приватни колекции во земјата и во странство.