Хана Чурак, гостинка на работилницата

Работилници за креативно пишување

Во културниот центар „Лабораториум“, од утре до 23 јануари, од 15 до 19 часот, ќе се одржуваат работилници за креативно пишување насловени „Неименувана“.
Ментори се Марија Бошковска, Ивана Смилевска, Дарко Алексовски. Повикот за учество во работилницата е отворен за млади на возраст од 15 до 19 години, а бројот на учесници е ограничен.
– Волшебното царство на бајките од цел свет, мимовите, активизмот и не толку познатата македонска женска историја е отворено. Наместо гласник, го испраќаме овој формулар до млади што сакаат да ѝ се приклучат на петдневната работилница за креативно пишување со млади „Неименувана“, под менторство на „Дума ин сума“ – компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска. Ако правиш пиши-бриши, кликаш и сликаш, пишуваш и си главна/главен со мимови во чет-групите, оваа работилница ќе ги прошири твоите знаења за новите дигитални комуникации, а наедно ќе те запознае со потеклото и варијантите на бајките што се развивале и приспособувале низ различни времиња и култури. Дојди и откриј што е заедничко за „Заспаната убавица“ и Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини што со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст. Низ петте дена на работилницата ќе буричкаме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет-содржини – велат организаторите.
Во тоа ќе помогне и нивната гостинка менторка од Босна и Херцеговина – Хана Чурак, администраторката на феминистичката платформа „Све су то вјештиц“. Знаењата собрани на работилницата ќе се сумираат во креативна практика и авторски текстови. Авторските текстови ќе бидат извезени на текстуални инсталации во рамките на една активистичка акција атракција, за што ќе стане збор на работилницата.