Оштетувањата на овој археолошки локалитет се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. Притоа, преку ископи на земја со механизација, уништен е дел од предисториските ровови и градби што се протегаат на источниот и на северниот периферен дел од неолитската населба
Центарот за истражување на предисторијата укажува на неодамнешно сериозно оштетување на археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно. Веќе неколку години центарот во соработка со македонски и европски археолози го истражува ова најстаро неолитско наоѓалиште во Македонија и оттаму жалат што во моментов го сведочиме неговото оштетување.
– Оштетувањата на овој археолошки локалитет, кој е веќе внесен во националниот регистар на наоѓалишта, се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. Притоа, преку ископи на земја со механизација, уништен е дел од предисториските ровови и градби што се протегаат на источниот и на северниот периферен дел од неолитската населба. Благодарение на одговорноста на жителите од Живојно и брзата интервенција на Заводот и музеј – Битола и Управата за заштита на културно наследство, оштетувањето на овој ексклузивен локалитет во Македонија е запрено. На тој начин е спречено поголемо девастирање на оваа предисториска населба, која во последниве години е истражувана од неколку меѓународни истражувачки екипи, и тоа со поддршка на Европската Унија, фондацијата „Западен Балкан“, германската Фондација за истражување на тумбите и македонското Министерство за култура – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Тимот што го истражува Влахо, составен од специјалисти од повеќе македонски и европски институции и организации, во изминатите години издаде научни трудови посветени на овој локалитет, а уште неколку се во фаза на објавување, и тоа во реномирани издавачки куќи од Кембриџ и од Њујорк. Овие публикации и врвните археолошки сознанија презентирани во нив придонесуваат за мошне брзото афирмирање на ова наоѓалиште меѓу домашната и светската академска заедница, која, поради тоа, апелира за трајна заштита на ова наоѓалиште како културно наследство не само од национално туку и од пошироко значење.
– Сите ние, како припадници на стручната јавност и како граѓани на оваа држава имаме должност и обврска да се залагаме и да ги поддржуваме заштитата, проучувањето и презентирањето на овој исклучително значаен археолошки локалитет. Резултатите од истражувањата на Влахо во Пелагонија покажаа дека населбата е основана пред околу 8.400 години. Притоа, преку деталните геомагнетни снимања на теренот се утврди уште една карактеристика, незабележана во толкав обем кај ниту еден друг познат неолитски локалитет. Имено, се покажа дека на него се присутни дури десетина рова, од кои, за жал, неколку се веќе оштетени. Поради зачувување на овие уникатни обележја на еден од најстарите неолитски локалитети во Европа, неопходна е негова трајна заштита и темелно истражување – додаваат од центарот.