Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Во единствената група на фудбалското Светско првенство (СП) во САД, Мексико и во Канада во која играат два некогашни светски шампиони, репрезентацијата дебитант на мундијалите, Зелено`ртските Острови, остана непоразена во дуелите со тие две селекции по првите две кола. Најпријатното изненадување досега на СП 2026 по ремито без голови со Шпанија (планетарен првак во 2010 година) одигра нерешено, 2-2, со Уругвај (светски првак во 1930 и 1950 година), во групата Х. Во другите групи на годинашниот Мундијал има најмногу еден некогашен светски првак (Бразил во групата Ц, Германија во Е, Франција во И, Аргентина во Ј и Англија во Л).

На другите мундијали слични резултати остварија неколку репрезентации. Така, на минатото СП, Јапонија во групната фаза ги победи Германија и Шпанија, на СП 2014 Костарика не загуби ниту еден меч во групата со три светски шампиони, Уругвај, Италија и Англија, во 2002 година и Данска и Сенегал не загубија во групата на дуелите со Франција и со Уругвај, како и Шведска во групата со Англија и со Аргентина, во 1986 година Данска победи во мечевите со Германија и со Уругвај, а во 1978 година Холандија во втората групна фаза не загуби од Германија и од Италија.
Од нив дебитанти на соодветните светски првенства беа Данска во 1986 година и Сенегал во 2002 година.

Со двете ремија Зелено`ртските Острови освоија над 30 бода за ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на рангирањето во живо напредуваа за четири места и сега се на 63. позиција. Н.М.