Во рамки на програмата на Зрно фестивал, во соработка со Скопско лето и со поддршка на Министерството за култура и туризам, на 26 јуни во 19 часот во Културно-информативен центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Малите нешта“.

Авторка на изложбата е данската фотографка и визуелна уметница Анне-Мет С. Сомер, која твори под името Kelter Photography.

Изложбата „Малите нешта“ пред скопската публика ќе претстави дела што преку фотографијата ги истражуваат секојдневните детали, моментите и перспективите кои често остануваат незабележани, отворајќи простор за поинакво доживување на реалноста.

Настанот е дел од летната културна програма во главниот град и е отворен за сите љубители на фотографијата и визуелната уметност.

По пресвртниот момент во 2017 година, кога во The Photographers’ Gallery во Лондон ја посетила полароид изложбата In an Instant на Вим Вендерс, Анне-Мет целосно се посветува на експерименталните полароид процеси. Денес нејзината работа е препознатлива по истражувањето на текстурата, трансформацијата и креативната улога на несовршеноста.

Изложбата претставува избор на дела што го следат нејзиниот уметнички развој – од серијата „Течни фустани“, создадена со техниката на полароид емулзиски лифт, до понови истражувања како Polaroid Decay, film soup техники, интервенции со алкохолни мастила и експериментални емулзиски лифтови.

Серијата „Течни фустани“ настанала од случајна грешка за време на работилница во Копенхаген во 2018 година, кога еден емулзиски лифт се деформирал при трансфер и добил форма налик на фустан. Наместо да го отфрли, авторката ја прифатила случајноста како творечки принцип. Денес серијата брои 311 оригинални нумерирани дела и е изложувана во Норвешка, Данска, Германија, Швајцарија, Ирска и САД.

Покрај оваа серија, посетителите ќе имаат можност да видат и колекција од Polaroid Decays, емулзиски лифтови и полароиди обработени со алкохолни мастила и други интервенции. Низ овие дела фотографијата се трансформира од документарна слика во простор за истражување на сеќавањето, кревкоста, емоцијата и убавината на несовршеното.

Анне-Мет С. Сомер е членка на The 1212 Project, ирскиот уметнички колектив Interface Inagh и германскиот полароид колектив PolaPeopleFestival, а нејзината работа е претставувана и од Oscar Studio Gallery во Осло.