ТАЕКВОНДО – ЕВРОПСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО
- Овој резултат му донесе на Георгиевски нови вредни 3,6 бода на олимписката ранг-листа
Македонскиот таеквондист и носител на сребрен олимписки медал, Дејан Георгиевски, член на КК Бутел, освои бронзен медал во тежинската категорија над 87 килограми на клупското Европското првенство (ЕП) викендов во Сараево (БиХ). Овој резултат му донесе на Георгиевски нови вредни 3,6 бода во трката за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година.
Георгиевски беше еден од носителите на турнирот и беше слободен во првото коло, во четврт-финалето го победи Иса Саиди од Австрија со 2-0 во рунди, а во полуфиналето загуби од Сеиф Еиса од Египет со 0-2. Сепак, Георгиевски го заврши турнирот со бронза, што претставува уште еден нов успех во неговата богата кариера и потврда за квалитетот на македонското таеквондо.
Во Сараево поради повреда не настапи најдобрата македонска таеквондистка, олимпијка, членката на ТК Тигри, Милијана Рељиќ.
– Милијана на тренинг повторно доби фрактури на палецот и на малиот прст на истата рака, на која пред три месеца имаше фрактура на третата метакарпална коска. Сега раката ѝ е во гипс, в петок одиме на преглед, па ако ни дозволат ќе настапиме на Купот Балкан Г-1 во Зрењанин, ако не, ќе мора на 22 јули да бараме поени во Лисабон, што, пак, е премногу скапо за нас. Но тоа е, ќе мора да се снајдеме за пари до тогаш – ни изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов. Г.И.


































