Претседателот на САД, Доналд Трамп, во пресрет на посетата на генералниот секретар на НАТО на Вашингтон, повторно упати критики кон европските сојузници, обвинувајќи ги дека не покажале доволна поддршка кон САД во конфликтот со Иран.
Трамп оцени дека САД со години носат најголем дел од товарот во рамки на Алијансата и трошат огромни средства за безбедноста на Европа, пренесе „Вашингтон пост“.
– Бевме одлична членка на НАТО, во многу погледи единствена вистинска членка и секако доминантна членка. Потрошивме трилиони долари за да ја заштитиме Европа – изјави Трамп.
Според него, кога САД побарале поддршка од сојузниците, не добиле соодветен одговор. Тој наведе дека сакал да провери дали европските партнери навистина ќе застанат зад Вашингтон во критичен момент.
Американскиот претседател особено ја критикуваше Обединето Кралство и премиерот Кир Стармер, обвинувајќи го за пасивност и избегнување на сојузничките обврски.
Трамп, исто така, ги посочи Италија и Германија како земји кои, според него, не покажале доволна подготвеност да им помогнат на САД.
Тој повтори дека Вашингтон годишно издвојува огромни средства за колективната одбрана на НАТО и порача дека очекува поголема поддршка и солидарност од сојузниците.
– Ги трошиме сите овие пари за нивна заштита, а кога можеби ни е потребна помош, тие велат дека подобро би било да не се вклучат. Тоа е погрешен пристап – рече Трамп.
Изјавите доаѓаат во период на зголемени тензии на Блискиот Исток и непосредно пред разговорите меѓу американската администрација и раководството на НАТО за актуелните безбедносни предизвици.


































