Синоќа во преубава атмосфера пред стотина посетители во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје се одржа „Отскочна даска #2“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години, со што неофицијално започна третото издание на фестивалот.
Учествуваа петнаесет млади поети и поетеси: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасовски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Самите учесници, со гласање, за свој претставник на официјалното отворање на фестивалот ја одбраа Дарија Јовановска, млада поетеса од Скопје.
Потоа програмата продолжи со поетско-музичкиот перформанс „Неисцрпен ‒ трибјут за Бошко Бозаџиевски“ на ВИС „Тркалезна маса“, посветен на поетот и актер Бошко Бозаџиевски (1981 – 2008).
Скопскиот поетски фестивал ќе трае до 28 септември и ќе се одржува на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
Ќе гостуваат поети од Данска, од Малта, од Франција/Сирија, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети.
Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, изложба на фотографии, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе има музички концерт, мастерклас или работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.
Свеченото отворање е закажано за 27 септември, во 20 часот, во МКЦ со настанот наречен „Воздух. Ветер. Дишење.“ на кој во придружба на музичка импровизација со дувачки инструменти ќе читаат седум домашни поети и шест гости од странство.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (ХДП), ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.