Од богатиот опус на своето творештво, тој се претстави пред српската публика со концепт од серијата „Круговите на Леонардо“, која започна во 2017, и првото дело од оваа серија беше носител на наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на биеналето во Фиренца во 2019 г.
Самостојната изложба „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски е отворена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац, Србија. Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, Драган Арсиќ, а кураторката Корнелија Конеска пред присутните го објасни концептот на изложбата.
– На изложбата е претставена меѓузависноста помеѓу просторот и формата на многу специфичен начин: со сликарство и графика, со многу големи и многу мали формати, но само со една боја (црната) – сѐ во стилот на авторот Мице Јанкуловски. Јанкуловски е уметник што твори повеќе од 55 години и во текот на својот професионален развој стана препознатлив по своите атрибути: монохромност – зашто слика само со една боја, црната, модуларност – зашто форматите на неговите дела се секогаш претходно осмислени и во меѓусебна зависност едни од други, мултипликација – зашто формите што ги користи во своите слики ги мултиплицира, а ги мултиплицира и платната во големи полиптиси и минимализам – зашто својата уметничка цел ја постигнува со минимум елементи, што всушност е најтешко да се направи, но сепак зборуваме за уметник со над 55-годишно активно уметничко творештво – рече Конеска.
Од богатиот опус на своето творештво, тој се претстави пред српската публика со концепт од серијата „Круговите на Леонардо“, која започна во 2017, и првото дело од оваа серија беше носител на наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на биеналето во Фиренца во 2019 година. Дел од следните дела, триптихот „Круговите на Леонардо 2“ и „Круговите на Леонардо 3“, како и сегмент од поврзаното со истата тематика дело „Ноќите на Тоскана“ – се изложени во Модерната галерија во Горњи Милановац.
– Идејата за ова серија Јанкуловски ја црпи од „Студијата за водата“ направена од страна на големиот Леонардо да Винчи, во која тој објаснува дека водата што паѓа од височина создава концентрични кругови што никогаш не се сечат меѓу себе. Вистински предизвик за претставување на апстракцијата на оваа студија на платно! Паралелно со нив се претставени и графичките дела „Формите на Венеција“ и „Формите на Фиренца“ (Омаж на Еугенио Монтале), претставени како триптих на сериграфии со апликација на флок, печатени во студиото за графика „Фалани“ во Венеција. Формите во овие свои дела Јанкуловски ги сведува на судир меѓу црното и белото – рече кураторката.
Изложбата ќе биде поставена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац до 7 ноември. В.Д.