Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер во својата резиденција во Скопје имаше пријатна должност за првпат во својата дипломатска кариера да додели престижно одликување од областа на уметноста – витез на уметностите и книжевноста на Франција. Добитничка на одликувањето е македонската балетска уметница, кореографка и професорка Рисима Рисимкин. Одликувањето го доделува француското Министерство за култура, а изборот на Рисима Рисимкин е базиран на многугодишната поврзаност и соработка со француски уметници и институции.
Рисимкин е една од водечките кореографки во земјава, деканка на Филмската академија и професорка на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Основачка е на културниот центар „Интерарт“, на „Скопје танцовиот театар“, а 20 години беше уметничка директорка на „Танц фест Скопје“. Во 2022 година, таа имаше историско гостување и претставување на „Скопје танцовиот театар“ на една од најзначајните светски сцени, националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, каде што критиката ја оцени нејзината претстава „Идентитети – историја на еден растегнат сон“ како брилијантна.
Своето обраќање на свечената церемонија во резиденцијата на амбасадорот Ле Риголер, Рисимкин го почна со стихови од извонредниот поет Ив Бонфоа, со кого имала чест да се сретне во живо во 1999 година, кога работела кореографија врз неговата поезија и, на некој начин, неговите стихови станале парадигма на нејзиниот уметнички пат.
– Историското гостување, кое го остварив со танчарите на „Скопје танцовиот театар“ во националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција, беше врв на мојата уметничка кариера, остварување на мојот долгогодишен сон и огромно признание за мојата кореографска работа. Како што е и ова признание… Врските со француските уметници секогаш биле извонредни, а Франција, како колепка на уметноста и на креативните иновации, за мене била една од најпрестижните земји во кои сум сакала да бидам присутна на уметничката сцена, што и го остварив. Да се биде витез на уметностите и книжевноста на Франција, за мене е голема чест и признание и чувствувам радост и воодушевеност – рече Рисимкин.