Рекордни 351 автор од сите континенти се пријавија на единаесеттиот по ред меѓународен салон за стрип „Велес 2024“. Сите пристигнати дела ќе бидат прегледани од комисија составена од стрип и ликовни дејци од Велес, а дел од нив ќе бидат изложени на свеченото отворање на Меѓународниот стрип-салон во Велес, најзначајна стрип-манифестација кај нас, на 20 август, во Велес. Според Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот на Македонија, големата бројка се должи пред сѐ на засилената работа и контакти со млади таленти од Македонија.
– Многу радува податокот за откривање нови стрип-имиња од македонската стрип-сцена што заслужуваат поголема афирмација и внимание. Тоа е секако одраз и на реализацијата на соработка со училиштата низ државата, како и со ликовните педагози. Исто така, медиумска промоција на стрип-настани во странство на кои учествува македонската стрип-сцена секако дека има позитивно влијание. Што се однесува до меѓународните контакти, добра основа претставува постојаната соработка со стрип-сцената од поранешните југословенски републики, но секако и комуникацијата со автори од сите континенти, како Тајван и Америка. За зголемување на нивниот број секако треба и зголемена поддршка од страна на донаторите, како на пример: зголемен фонд на награди, присуство на наградените автори на свеченото отворање, составување жири од меѓународни стрип-автори – потенцира Трајков.