Несекојдневен музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот, ќе се одржи денеска, со почеток во 12 часот, во Градскиот парк, на Школка. На настанот македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
Волшебникот на пијаното, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр. 1 оп. 23, Гранд валсе брилианте оп. 34 бр. 1, Валцер оп. 64 бр. 2, Валцер оп. 64 бр. 1, „Минутен“, Ноктурно оп. 20, Скерцо бр. 2 оп. 31, Мазурка оп. 17 бр. 4 и Полонеза оп. 53 – „Херојска“.
– Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено. Но идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни светски пијанисти. Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј, кој го направи светот подобро место за живеење – велат организаторите.