Разговор на Александар Прокопиев со режисерот Рајко Грлиќ се одржа на вториот фестивалски ден на десетото издание на фестивалот „Про-За Балкан“, во кафе-книжарницата „Буква“, по што следуваше музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга „Полиграф“, во издание на „Прозарт медиа“. Пијан Славеј заедно со Гоце Јовановски (бас), на задоволство на публиката, изведоа повеќе нумери.
Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула“ (2004 година), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање.
– Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и се што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас цел живот пишувам сценарија и не се сметам себеси за писател. „Нераскажани приказни“ ми е повеќе книга со забелешки. Но, и жанрот не е важен. Тоа е категорија што Американците ја измислија за да си ги категоризираат своите филмови во киносалите. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ…Во тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, но само фестивалите – рече Грлиќ.
Актерот Петар Арсовски, кој игра во филмот „Караула“ сподели свои сеќавања за периодот на снимањето и работата со Грлиќ. Тој читаше извадоци од „Нераскажани приказни“ на Грлиќ.
Вечерва, на третата фестивалска вечер на фестивалот, публиката ќе може да ужива во поетското читање на Рајко Грлиќ, Дамир Каракаш, Броња Жекељ, Елена Алексиева, Владислав Бајац, Томислав Османли и Пијан Славеј. Настанот ќе се одржи во „Даутпашиниот амам“ со почеток во 20 часот.