По само година и неколку месеци додека сеуште не се оладени импресиите од неговата прва книга „Отуѓување“, авторот Ѓорѓи Мешков ги сподели своите собрани раскази пишувани изминативе 15 години во збирката раскази под наслов „Беше еднаш во Ваташа“.
Промоцијата се случи синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе “ во Кавадарци во присуство на бројна публика која потврди уште еднаш дека појавувањето на Ѓорѓи Мешков на книжевната кавадаречка сцена уште со неговото прво прозно дело а сега и книгата раскази „Беше еднаш во Ваташа“ дека се работи за квалитетен автор кој успеа да ја разбуди од дремката во која беше западната кавадаречката читачка публика.
– Такво позитивно виорење не би се случило доколку не се совпаднат неколку компоненти својствени за авторот, создавачот: мотивот, темата на делото, фондот на зборови, изразот , инвентивноста, природноста. Сето тоа се разли како река, по широкиот аудиториум, зажубори, ни донесе освежување, не тргна од дремката, токму како реката Луда Мара, опишана како „Нашата убавица“ во неговото второ прозно дело раскази.“ – рече промоторот на книгата поетесата Цветанка Колева.
За неа расказите наликуваат на раскажани „филмски сцени“ и „фотографии“ во временска рамка од неговото детство и раната младот кои навистина треба да се прочитат.
За рецензентот на книгата Марија Трајкова авторот Ѓорѓи Мешков низ расказите „Беше еднаш во Ваташа“ не навраќа на едно спокојно време на детски игри и другарства, на една топлина и хармонија во родителскиот дом, на едно време кое во неговото битие уште трае. Неговите ликови –личности се многубројни и тие отсликуваат еден период на хармонија меѓу луѓето. И Жанет и Клод и белгискиот пријател Бранко и другарите од селото и возрасните и чичко Ванѓел и професорот и првата училтелка, сите го имаат добиено вистинското место. Мешков воопшто не ја крие својата љубов, радост и среќа кога зборува за ваташкиот крај и неговите луѓе. Но, најдлабоките емоции читателот ќе ги почуствува читајќи за неговата фамилија, нејзините корени, а посебно за најсаканата жена на светот, мајката. А незаборавот за дванаесетте млади херои и за нивната маченичка смрт, го зазема почесното прво место во оваа дело.
Токму со расказот „Дванаесетте“ во интерпретација на актерот Александар Малинков започна синоќешната промоција по што следеше прекрасен осврт кон делот на промоторот Цветанка Колева и илустрациите на делови од раскази од страна на поетесите Милка Миндева, Тодорка Андова, Љубица Бошкова и Жаклина Николова од поетскиот клуб „Тиквешки цветови“.
М.М