Фото: Принтскрин/јутуб

Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски денеска одржаа прес-конференција во врска со вчера усвоениот Закон за спорт кој беше предложен од Министерството за правда.

Аврамовска – Мадиќ истакна дека со Законот за спорт се обезбедуваат финансиски поттикнувања за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт.

Таа посочи дека делот од законот со кој се уредуваат даночните ослободувања на спортските субјекти се отстранети од 1 јануари оваа година, со што Агенцијата за млади и спорт била задолжена да најде алтернативно решение за поддршка на спортскиот систем преку државни субвенции.

– Досегашниот ваучерски систем се реализираше преку данокот на добивка на компаниите кои на своја волја одлучуваат дали и колку ќе реализираат спортски ваучери на некој спортски субјект. Системот беше оценет од Министерството за финансии како високо ризичен за коруптивни дејствија со што на крајот беше одлучено да го променат – истакна Мадиќ.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски посочи дека во соработка со Министерството за правда е модифициран досегашниот модел познат како ваучерски систем и со тоа вели целосно се отстрануваат било какви злоупотреби во самата процедура.

– Фантастични 10 милиони евра ќе влезат како директна финансиска поддршка за спортистите, спортските клубови и спортските федерации. Во соработка со Министерството за правда го модифициравме досегашниот модел познат како ваучерски систем и стигнавме до директна државна субвенција. Со ова целосно се отстрануваат било какви злоупотреби во самата процедура и финансиските средства се ставаат на раполагање на спортските субјекти кои искрено работат и го сакаат спортот – истакна Мојсоски.