фото: Дејан Џолев

Промоција на стихозбирката „Слобода А“ од Ана Голејшка Џикова ќе се одржи в четврток (29 септември) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот.
Промотор на поетското издание ќе биде Снежана Стојчевска, а модератор ќе биде Јулијана Величковска.
Настанот ќе биде проследен со музичка поддршка со дел од составот ВИС „Тркалезна маса“.
– Како калеидоскопски слики пред нас минуваат песните во кои можеме да ја видиме Ана како бунтовничка, млада љубовничка, да посведочиме како љубовта создава живот, како тој живот расте, се раѓа и станува живот сам за себе, независен, а сепак, зависен и сврзан. Истовремено исполнета со љубов и страв од неизвесност, погодена од реални проблеми и притисоци под кои сите сме натиснати: живот во пандемија, под влијание на пропаганди и општа хистерија, притисоци што повторно ја будат бунтовничката во Ана, онаа што единствено може да живее од и за слободата – вели рецензентката на книгата Снежана Стојчевска.


Ана Голејшка Џикова (Скопје, 1987) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Автор е на стихозбирките: „Љубов на улица“ (2013, Култура) и „ Напишан дом“ (2018, Антолог); на сликовниците за деца: „Веселата зграда“ (2019, Арс Ламина) со илустраторот Драган Китановски-Драш, „Лисичката плетачка“ (2020, Арт и арт студио Батев) и „Лепчето што расте“ (2020, Арт и арт студио Батев), обете со илустраторката Иванка НиБа.
Нејзини песни и куси раскази се објавени во неколку антологии, а редовно објавува и во периодиката. Нејзини песни се препеани на српски, на турски, на германски и на англиски јазик. Учествувала на бројни поетски читања и фестивали во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“ (2018, Бегемот). Таа е член на организацискиот одбор на „Скопски поетски фестивал“ и член е на ВИС „Тркалезна маса“ од Скопје.