На мултимедијален настан, со проекција на видеа, поетско читање и музички настап, вечерва во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, ќе биде претставена големата поетска книга „Шестарот на времето“ од Никола Маџиров. Стихозбирката, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, го обединува целокупното поетско творештво на Маџиров, еден од најпознатите и најпреведувани македонски поети во светот.
Поетско-музичкиот настан „Никола Маџиров и пријателите“, кој ќе се одржи во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, ќе почне во 19 часот, со проекција на видеокомпилација со изведби на стихови од Маџиров, од различни музичари и уметници низ светот. По проекцијата, во 20 часот, следуваат претставување на „Шестарот на времето“ и поетско читање. Книгата ќе ја претстави уредничката Оливера Ќорвезироска, по што ќе следува поетско читање проследено со музичка изведба.
Стихови од Маџиров ќе интерпретираат познати имиња од повеќе области на културата, негови соработници и пријатели. Книгата е со поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска и обемен додаток во кој првпат на едно место се објавуваат извадоци од домашната и од светската критика за Маџиров: од десетина македонски автори и истакнати критичари (Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Елизабета Шелева, Венко Андоновски, Гоце Смилевски…), дваесетина светски елитни имиња (Чарлс Симиќ, Адам Загајевски, Каролин Форше, Уљана Волф, Јасухиро Јоцумото, Георги Господинов…).