Промоција на романот „На дофат“ од хрватската авторка Ена Каратина Халер ќе се одржи в среда, на 10 август, со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“. Романот е во издание „ПНВ Публикации“, а од хрватски го преведе Сашо Огненовски, кој воедно ќе биде и промотор на книгата. Настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.
Романот е добитник на наградите „Ксавер Шандор Ѓалски“ и „Иван Јосип Козарац“, а во 2020 година беше и во финалето за книжевните награди на „Тпортал“ и „Фран Галовиќ“.
– „На дофат“ е првиот современ литературен текст што со јасен женски глас и со документарно-фиктивна проза раскажува вистинска приказна за контроверзните настани од поновата хрватска историја. Реалистично и со чести лирски моменти, романот убедливо го отсликува селскиот живот на Бановина, што луѓето од тој крај се обидуваат да го водат и во длабоко трагичните околности на Втората светска војна. А потоа кадарот од нивното најблиско соседство се шири на целото место Зрин, топоним дотогаш познат само како седиште на благородниците Шубиќ Зрински, додека во епизоди ја оживува и салонската атмосфера на воениот Загреб. Ена Катарина Халер во нејзиниот прв роман пишува за воената траума на неколку генерации, самоуверено, без политизација, патос и текстуални вишоци. Нејзиниот просторно и временски развлечен и, со својот опсег и тема, голем роман за војната и злото што на различни начини влегува во нашиот свет е, во суштина, многу лична приказна за растењето и за две генерации мудри жени…-вели за романот Златко Крамариќ.
Ена Катарина Халер (Осијек, 1996), хрватска писателка и архитектка.
Завршила природно-математичка гимназија во својот роден град, а во моментов работи на својот дипломски труд на Архитектонскиот факултет во Загреб. Со нејзината прва книга, романот „На дофат“, веднаш го привлече вниманието на книжевната критика. Романот ги освои наградите „Ксавер Шандор Ѓалски“ и „Иван Јосип Козарац“, а во 2020 година беше и во финалето за книжевната награда на „Тпортал“, како и во финалето за наградата „Фран Галовиќ“. Халер пишува и книжевни критики, а освен со пишување и со проектирање, се занимава и со фотографија, со шиење и со планинарење.