Промоција на стихозбирката „Огнен пој“ од Перица Сарџоски ќе се одржи денеска, од 19 часот, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Промоторка е Елена Пренџова, а модераторка е Јулијана Величковска.

Стиховите ќе ги читаат: Андреј Ал-Асади и Горазд Китановски–Кени.
– Поезијата на Сарџоски е трубадурска. Пее/опејува „стории“, настани, размисли. Има музички и тактирачки ритам и е певлива. Изобилува со рими и созвучја (внатрешни и надворешни, паралелни и вкрстени; а во „Огнен пој“ има и акростих изграден во внатрешноста на стиховите) и, иако формата на песните најчесто е слободна, Сарџоски умее да гради и строфи, најчесто во облик на строфите од македонската народна поезија – вели Елена Пренџова.

Перица Сарџоски дипломирал на Филолошкиот факултет. Тој е поет, писател, преведувач и толкувач, истражувач, едукатор… Има издадено еден роман патопис со наслов „Цветниот пат“ (2006), во кој може да се проследи езотеричното доживување на двајца талкачи низ „мултидимензионалната душа на Македонија“.