Здружението за промоција на документаристиката, „Македокс“, е во потрага по петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.

Тие ќе бидат поделени во три-четири помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм. Рокот за пријавување е продолжен до 15 јуни.

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „Македокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци.

– Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа не е во хотел со пет ѕвездички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „Македокс“. Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура – велат организаторите.