Најстарите познати гробници во светот се пронајдени во Јужна Африка, а установено е дека новооткриените антички гробници се стари најмалку 200.000 години. Научниците пронајдоа скелети од видот хомо наледи, далечен роднина на луѓето. Овие древни луѓе биле ниски, имале долги раце, закривени прсти и мал мозок со големина на портокал. Новооткриените гробници се стари најмалку 200.000 години, а претходно се веруваше дека гробниците на хомо сапиенс стари 100.000 години се најстарите погребни места во историјата на хоминините.

Познатиот палеоантрополог Ли Бергер го водеше ископувањето во пештерскиот систем Рајзинг Стар, дел од лулката на човештвото, светско наследство на УНЕСКО во Јужна Африка. Тимот откри неколку фосили од видот хомо наледи закопани околу 30 метри длабоко во пештерскиот систем на оваа локација.
– Да се ​​биде внатре во пештерите, во светот на видот хомо наледи, не е само авантура што го менува животот туку она што го откривме нѐ принудува да размислиме за цела низа претпоставки за хоминините и човечката еволуција – рече Фуентес, професор по антропологија на универзитетот „Принстон“.

Закопувањата во овална форма содржеле остатоци од десетина изумрени видови хоминини, кои веројатно биле закопани во фетална положба. Некои беа идентификувани како возрасни, но имаше и деца веројатно помлади од 13 години.
Овој вид хоминиди што се качувале на дрвја биле на „раскрсницата“ меѓу мајмуните и современите луѓе. Првите коски од видот хомо наледи беа откриени во 2013 година.
Нивниот мозок бил само една третина од оној на современите луѓе и долго време се сметало дека тие не се способни за сложено емоционално и когнитивно однесување.

Меѓутоа, новоидентификуваните примероци го оспоруваат сегашното разбирање на човечката еволуција бидејќи во голема мера се претпоставуваше дека развојот на поголем мозок дозволува извршување сложени активности како што е закопување на мртвите. Овие наоди сугерираат дека практиките на погребување не биле „исклучиви“ за хоминините со голем мозок. И покрај малите мозоци, овие хоминиди од камената доба можеби палеле оган и врежале геометриски симболи на ѕидовите на пештерите. Овие идентификувани врежани симболи би можеле да бидат стари помеѓу 241.000 и 335.000 години.