Промоција на автобиографијата на д-р Џемиле Берат ќе се одржи в недела, во 12 часот, во културниот центар „Јадро“. Книгата е важен придонес во нашата книжевност од повеќе причини. Станува збор за дело напишано со едноставен, разбирлив јазик, што лесно се чита и не ги остава читателите спокојни до самиот крај. Книгата е автобиографија на првата Ромка од Македонија што заврши Медицински факултет и сиот свој работен век го помина дарувајќи им здравје на луѓето, со нагласена хуманост и грижливост, еднакво кон сите пациенти, без разлика на полот, расата и социјалната положба, и тоа во услови и ситуации кога нејзиниот живот бил во опасност – загрозен од воени дејства, како и од пандемијата, што однесоа многу животи.
– Д-р Џемиле Берат својот животен пат во автобиографијата го изнесува длабоко искрено, уверливо, автентично и, пред сè емотивно, сакајќи да ги охрабри младите, пред сè младите Роми, дека и покрај сите реални тешкотии, може да се стигне на врвот – вели Гоце Ристовски.